„Мрамор, камен и жељезо“ – ВИС „Роботи“ (1966)

Roboti - Mramor kamen i zheljezo

ВИС „Роботи“ се поранешна загребска рокенрол група, што била активна од 1961 до 1969 година. Музичката критика ги оценила како група со „цврст“ ритам и „диви“ песни, југословенските „Ролинг стоунс“.

Групата се формирала во Средното техничко училиште во Загреб, кое во тоа време било расадник на југословенските први електронски состави. Првиот состав на бендот бил: Младен Хајчиќ – Хајац, Василиј Чаплинскиј – Чапља, а подоцна им се придружиле Ивица Чокаљ, Ивица Чижмек и Предраг Дрезга, но настапувале под името „Млади техничари“.

Својата музичка кариера ја започнале со свирење на хитовите на Клиф Ричардс и „Shadows“ (Сенки). Во 1963 година ги снимаат своите две први авторски песни: „Нена“ и „Залазак сунца“. Куриозитет е тоа што „Роботи“ стануваат многу попопуларни од Загребскиот биг бенд и ги симнуваат од југословенските топ листи.

Роботи
Сликата е преземена од: Џубокс бр. 3 од 3 јули 1966 година. Автор на сликите е Чедомир Урошевиќ

Со промената на членовите на составот (заминуваат Жарко Данчуо, Иван Чижмек и Василиј Чапљински), како вокал почнува да настапува Тони Студени, а на бас гитари почнува да свири Ивица Перцл. Во овој состав заминуваат на турнеја во Австрија, каде што прават препев на големиот хит „Mramor, stein und еisen bricht“ – „Мрамор, камен и жељезо“, кој по враќањето во Загреб го снимиле на ЕР плоча.

По овој хит, групата заминува во Рим, каде што има свирки во најпознатиот танчерски клуб „Пепер“ и го менуваат името во „Five Up“, затоа што „Роботи“ веќе имало во Италија. По неколку измени на составот, „Роботи“ снимаат четири ЕР плочи, а по заминувањето на Ивица Чокаљ од бендот, во 1979 година „Роботи“ и дефинитивно се распаѓаат.

Роботи
Сликата е преземена од: Џубокс бр. 3 од 3 јули 1966 година. Автор на сликите е Чедомир Урошевиќ

Куриозитет за „Роботи“ е тоа што имаат направено обработка на севдалинката „Босно моја“, како и на многу далматински народни песни, кои биле хитови меѓу младите, имаат свирено на иста бина со Ролингстоунс (Rolling Stones), кои имале публика од 12.000 луѓе, а „Роботи“ од 6.000, а за време на еден концерт во Виена биле чувани од 800 полицајци!


(Сликите се преземени од: Џубокс бр. 3 од 3 јули 1966 година. Автор на сликите е Чедомир Урошевиќ)

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи