Босанскиот пејач Ален Хрбиниќ (Alen Hrbinić) е добитник на специјалната награда на годинешното издание на фестивалот Охрид Фест – Охридски трубадури 2023. Наградата ја доби за песната „Noćima“ (слободен превод: Во ноќите). Хрбиниќ се натпреваруваше на втората, интернационална вечер.
„Драго ми е што по CMC фестивалот учествував и на Охрид Фест и се претставив себе, но и Босна и Херцеговина на најдобар начин. Ја изведов композицијата „Noćima“ која ќе се најде на мојот нов албум. Автор на музиката е Дарко Тасев, а текстот е мое дело“
вели Хрбиниќ
Јубилејното 30-то издание на Охрид фест се одржа на 1 и 2 септември 2023 на големата сцена „Долни Сарај“ во прекрасниот Охрид. На првата, Фолк вечер, беа испеани 19 новокомпонирани фолк песни, а на втората, Интернационална вечер, беа испеани 15 забавни мелодии. Помеѓу гостите на фестивалот беа Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Васил Гарванлиев, Дарко Капо и Џими Сион.
Првото место од жири комисија за Фолк Вечерта го освои Душко Георгиевски, додека пак првото место од публика го освои Кате Танева и група Сарај. На Интернационалната вечер Првата награда ја освои Давид Миладинов. Наградата за најдобар дебитант ја освои Христијан Проданов.
Награда за безвременскиот хит доби Неда Украден за песната „Зора је“. Дадо Топиќ е добитник на почесната награда за ширење музика на Балканот.