Веројатно до сега сите ја слушнале „Rich Men North of Richmond“ (превод: Богатите луѓе северно од Ричмонд), што преку ноќ го прослави Оливер Ентони (Oliver Anthony). Не може да отворите YouTube без да има некоја реакција на песната. Неодамна песната беше пуштена и на републиканската претседателска дебата.
Втора недела по ред песната е на првото место на најпродавани песни во дигитален формат. Виралниот хит е и на првото место на најслушани песни во неделата на популарните сервиси за преслушување музика. Во неделата од 18 до 24 август песната е пуштена 22.9 милиони пати. Во истата недела продадени се сто и седумнаесет илјади дигитални копии.
„Богатите луѓе северно од Ричмонд“ е прва песна во историјата на Billboard Hot 100 што дебитира на првото место заедно со изведувач кој е дебитант на листата.
Луѓето од музичката индустрија се чудат кога ги отфрлам понудите од 8 милиони долари. Не сакам 6 автобуси за турнеја, 15 камиони со опрема и авион. Не сакам да свирам на стадиони, не сакам да бидам центар на вниманието. Ја напишав музиката што ја напишав затоа што имав ментални проблеми и депресија. Милиони луѓе длабоко се препознаа во овие песни затоа што ги пее некој што ги чувствува зборовите додека ги пее. Без уредување, без агент, без срање. Само идиот и неговата гитара. Стил на музика од кој никогаш не требаше да се откажеме.
Оливер Ентони
Вистинското име на пејачот, музичар и продуцент Оливер Ентони е Кристофер Ентони Лунсфорд. Името Оливер е име на неговиот дедо, сега секако и негово сценско име кое е пресреќен да го задржи. За Ентони музиката е начин на кој успеал да се справи со мислите за самоубиство. Таа му помогнала во спревување со зависности, невработеноста, анксиозноста, депресијата и безнадежноста. Од илјадниците видеа и „рецензии“ на друштвените мрежи се чини дека констатацијата на Ентони е точна. Иако песната „Богатите луѓе северно од Ричмонд“ не е музичко ремек-дело, публиката ја препознава неговата искреност и проблемите што таа ги споделува, а работничката класа ги препознава како свои.