Скопскиот рок состав Манас (Manas) го претстави својот прв сингл „Намера“. Промоцијата беше на 10 октомври 2021 г., и како и кај повеќето помлади бендови, промоцијата се одвиваше онлајн. Овој сингл може да го преслушате на сите популарни платформи вклучително и Deezer, Spotify, Apple Music и се разбира YouTube.
„Намера“ е деби сингл на Михајло Вуковиќ, вокал на Manas; Дарко Стојанов, тапани; Анастасија Крстевска, басистка; Сара Панковска, синтисајзер; Петар Саркањац, гитара. Михајло Вуковиќ е целосен автор на композицијата, текстот и музичката продукција. Аудиомиксот и мастерингот за песната го правеше младиот аудиопродуцент Александар Стефановски.
Ние го прашавме Вуковиќ дали имаат намера да ги засенат сите поп-рок песни во месец октомври 2021?
„Прашањето е прилично водечко, морам да признаам. По малку и се воздржувам да не кажам „немам намера“, вака кога ми го пуштате на волеј. Не сакам да звучам премногу дипломатски, ама ако би морал да дефинирам која ни е намерата со музиката што ја правиме, би рекол дека сакаме да ја освежиме македонската публика со нови песни на македонски јазик, да придонесеме на македонскиот цаитгаист и да ја поттикнеме националната музичка сцена да твориме и растеме заедно. Фала на сите вас што ни помагате да се оствари таа некоја визија“, ни одговори Вуковиќ.
Синглот веќе има видео запис во режија на Јован Саркањац, кој неодамна беше вклучен и во изработката на видеото за „Сега или никогаш“ на групата Fiction.
Manas се нов бенд, за кој ако судиме по првиот сингл, има огромен потенцијал. Првата песна е одличен алтернативен рок, во кој ќе уживате дури и ако не сте љубител на рок музика. Со нетрпение го очекуваме следниот сингл на бендот, а во меѓувреме ние уживаме во „Намера“.
Текстот е преземен од новинската агенција Мета.МК. Првата објава на овој текст е достапна овде.