На 3-ти октомври младиот пејач со сценско име Пајак го претстави својот нов сингл. Насловот на песната е „Проблем“, а стилски е најблиску до поп-балада. Синглот „Проблем“ го издаде издавачката куќа Urban Records со која Христијан Настески соработува повеќе од една година. Промоцијата на помладите автори обично се случува на платформите за преслушување и преземање музика, па така е случајот и со изведувачите што издаваат за Urban Records (Урбан Рекордс). Синглот на Пајак, „Проблем“ е објавен и достапен на YouTube (Јутуб).
Пајак е сценско име на младиот охридски пејач Христијан Настески. Неговите песни се препознатливи по технологијата за изобличување на вокалот, која помалку или повеќе ја користат најголем дел од пејачите во популарниот дериват на хип-хоп жанрот наречен Трап. Покрај вокалите, Христијан Настески е автор и на музиката и на текстот. Практично ова е и пракса на Урбан Рекордс, да идентификуваат модерни кант-автори на кои им помагаат да „спакуваат“ музичка целина со технички квалитет прифатлив за модерните критериуми на младите луѓе. Аранжманот и аудио продукцијата на „Проблем“ е на Иван Јованов – Iwayo.
Христијан Настески е студент по информатика. Љубовта кон музиката ја наследил од неговиот татко кој е поранешен гитарист и љубител на рок музиката. Со музика се занимава од шест-годишна возраст, но публиката го запозна со „HellBoy“ и „Мама“.
Пајак преку Урбан Рекордс веќе има објавено десетина изданија меѓу кои: „Dark Side“, „Крај“, „Проклет град“, „Бебе“, „Психо“. Благодарение на лесната дистрибуција на музиката преку платформите како YouTube, песните се лесно достапни на сите дестинации во светот. Христијан ја користи оваа можност за да може да ја популаризира својата музика и надвор од границите на Македонија. Нашите информации укажуваат на тоа дека тој е популарен и во Србија и во Босна и Херцеговина.
Текстот е преземен од новинската агенција Мета.МК. Првата објава на овој текст е достапна овде.