Пис брадерс е еден од македонските поп групи од 90-тите години на минатиот век околу која многумина се сложуваат дека оставила траг во колективната меморија на македонската музика. Ова го потврдија и луѓето што ја користат социјалната мрежа Фејсбук, преку прегледите на видео снимката за песната „Обичен ден“ објавена на Фејсбук страницата на ВБУ Музички регистар. Преку 140.000 прегледи, приближно 2.000 реакции, околу 100 споделувања и околу 80 коментари во кои може да се препознае носталгија по некои минати времиња, некои ќе речат, носталгија по младоста.
Изненаден и мотивиран од бројот на реакции на споменатата видео снимка објавена на Фејсбук, решив да го побарам Дејан Димитровски – Дени од Пис брадерс и да го прашам како е тој денес, дали се занимава со музика и дали е свесен за реакциите на луѓето на снимката за песната „Обичен ден“.
Не беше потребно многу за да договориме кафе-средба со Дени во Кафе Деветка на Панчев во Скопје (неодамна ребрендирано и освежено во Капиштец Бар и Мјузик). Запознавањето и средбата траеше многу подолго од планираното, очигледно сме имале многу заеднички теми на интерес за дискусија. Во секој случај пријатна средба од која ви пренесувам само еден мал дел во форма на интервју.
Што прави денес DJ Denny? Дали е музички жив?
Како човек кој потекнува од музичко семејство, музиката директно или индиректно секогаш ќе биде составен дел од мене. Во младоста активно се бавев со музика и тоа во различни улоги. Првично почнав како дел од оркестарот на мојот покоен татко, за подоцна да се пробам како диџеј. Потоа, ззаедно со Горјан, Раде и Маријан ја создадовме поп хип хоп групата Пис брадерс (Peace Brothers) што оостави голем белег и спомени кај сите нас.
Во моментов не сум музички активен, но нема забава каде што присуствувам а да не земам инструмент в рака или пак да не застанам зад диџеј пултот. Со текот на годините како созреваш така и менуваш стилови и ако повторно одлучам да се активирам музички, тоа би било во етно музичкиот стил. За мене македонската етно музика има голем потенцијал за извоз на македонска етно музика на светскиот музички пазар.
На почетокот на мај 2025 на фејсбук стрницата на ВБУ Музички регистар беше објавена стара снимка од настапот на Пис Брадерс во која бендот ја изведува песната „Обичен ден“. За десетина дена оваа Фејсбук објава доживеа преку 130.000 прегледи, приближно 1.900 реакции и приближно 100 споделувања. Огромен број на реакции и прегледи. Ова е меѓу ТОП 3 објави на оваа Фејсбук страна што ја третира музиката од Македонија од нејзиното постоење (читај повеќе од 10 години). Што е вашиот коментар на оваа информација и какво е вашето мислење за причините на оваа висока гледаност на оваа стара снимка?
Бев изненаден кога го прочитав ова. Од моја перспектива овој голем интерес за песната е поради повеќе фактори.
Првично затоа што ние, членовите од групата имаме многу познаници како во градов, така и насекаде во државата. Сме делеле заеднички моменти со тие песни.
Како втор фактор би го посочил времето кога таа песна е издадена а тоа е пред повеќе од 30 години, поточно далечната 92 година. Тоа е времето кое поголем дел од луѓето што ја следат Фејсбук страната на ВБУ Музички регистар, го нарекуваат „златен период”, како за македонската музика така и за животот на младите во Македонија. Во тие златни времиња имаше хипер продукција на македонска музика и секој од овие луѓе има мемориска поврзаност со тоа време.
Да не заборавиме и дека во тој период таа млада генерација покрај создавање на македонска музика имаше и голем придонес во креирање на новата македонска држава.
Накратко, тоа беа едни убави времиња за паметење и секое навраќање на нив буди реакција кај секој што се потсети на нив.
Што за вас претставува Пис Брадерс од оваа дистанца, после повеќе од 30 години?
Кога ја формиравме групата имавме по 16 години. Јас во тоа време иако свирев народна музика, бев голем фан на хип-хоп културата. Започнавме кај мене во подрум со живи инструменти и снимивме неколку рап демо снимки. Бидејќи во тоа време рап музиката беше многу актуелна, набрзо дојде идејата да се сними албум. Се појави и спонзор да го финансира тој проект, а со самото влегување во студио нашиот стил претрпе промени и доби поп призвук.
Да бидам искрен, покрај сите музички величини од нашата држава, од оваа временска дистанца групата Пис брадерс ја ставам во делот на музичка авантура на млади луѓе во еден период, кои случајно оставиле еден мал белег на тоа време.
Дел од реакциите на претходно спомнатата Фејсбук објава беа од изненадени читатели кои преку неа дознаа дека Мирко Попов е авторот на текстовите на Пис Брадерс. Како изгледаше соработката со фронтменот на ПМГ колективот? По што ќе го помните вие, сега веќе починатиот Мирко Попов?
Кога треба да опишеш една музичка легенда како што беше Мирко Попов за тоа треба многу простор и време. Човекот остави многу голем белег во македонската забавна музика како диџеј , продуцент, текстописец, водител, новинар, режисер. Нашата прва средба и соработка дојде преку Дарко Мијалковски кој во тој период беше човекот кој почна да ја работи музиката за првиот албум на Пис брадерс. Мора да потенцирам еден факт кој кажува колку Мирко беше напред пред времето. Кога ќе завршеше со текст за песна јас лично неколкупати го враќав да го поправи, да го промени, бидејќи не беше разбирлив во тоа време како за нас така и за публиката. Многу години потоа читајќи ги првичните верзии разбирав дека дефинитивно тој човек бил како, што кажав, многу напред во своите погледи на животот. Во самиот текст на песната „Обичен ден“, ако се анализира ќе се добие перцепцијата на Мирко за социјалната слика за нас како народ, а таа слика е иста и ден денес.
Исто така сакам да се навратам и на Дарко Мијалковски кој беше музички гениј за тоа време, а сега во моментов како и многу други живее и твори во странство.
Еден значаен дел од коментарите под објавата на Фејсбук се однесуваше на тоа дали во деветдесетте години имало подобра македонска музика од годините што ги живееме сега. Какво е вашето мислење за тоа?
Како што претходно напишав, во тоа време имаше хипер продукција на македонската музика, а со тоа и поголема конкуренција на пазарот. Во меѓувреме започна еден негативен тренд на голем увоз на музика посебно од нашето блиско соседство. За жал, денес состојбата со македонската музика е на ниско ниво, не по квалитет туку по бројка на нови музички изданија.
Како претходен застапник на ЗАМП, преку мојата теренска работа можам да констатирам многу погрешни чекори во функционирањето на нашето општество во целост за заштита и промоција на македонската музика. Од медиумите до организаторите на настаните, па се до сопственици на објекти каде што младите секојдневно консумираат музика.
Стојам на ставот дека државата треба да донесе закон за минимум емитување на македонска музика во етерот за потоа шоу бизнисот да почувствува дека и македонската музика е на ниво за кое постои интерес. Потоа би се охрабриле и нашите музичари и автори сѐ повеќе би вложувале во нови дела, а со самото тоа ќе расте и квалитетот на издадените дела.