Црногорската група SOULx3000 во соработка со пејачката Тина Џанкиќ (Tina Džankić) ја претстави својата верзија на култната народна песна „Još ne sviće rujna zora“. Песната има многу обработки, но со самиот стил и звук оваа изведба е уникатна.
Текстот на песната обично изразува теми на копнеж, љубов и чувство на меланхолија. Често ја отсликува убавината на црногорските пејзажи, кои се карактеризираат со нерамни планини, длабоки кањони и неверојатно јадранско крајбрежје. Текстот може да ја допре и историјата на црногорскиот народ и неговото силно чувство за идентитет и гордост.
Црна Гора има богата традиција на народна музика, а „Još ne sviće rujna zora“ е само еден пример од многуте убави и емотивни песни кои се пренесуваат низ генерации. Често се изведува со традиционални инструменти како што е гуслата (традиционалниот црногорски инструмент), едножичен инструмент кој се свири со лак, што го додава автентичниот и духовен карактер на песната.
За „Još ne sviće rujna zora“
„Još ne sviće rujna zora“ е напишана 1846 година во Мокрино, од тамошниот учител Лука Давидовиќ (Luka Davidović). Песната тогаш била со оригинален наслов 9„Još ne sviti bela zora”. Подоцна песната ја преработил Василие Васа Николиќ (Vasilije Vasa Nikolić), адвокат, војник и боем од Футог.
Оригиналот на песната е пронајден од Милован Мишков во Народниот музеј во Кикинда. Текстот на песната е речиси идентичен со денешниот. За жал оригиналната партитура е изгубена, музикологот Мишков смета дека Василије Николиќ за песната напишал и оригинална музука.
Вообичаено во регионот ништо не може да помине без политика, па поделени се мислењата дали станува збор за црногорска, српска или босанска песна. Сепак, музиката секако нема граници.
Дел од населението во Црна Гора ја смета „Još ne sviće rujna zora“ за неофицијална химна на Црна Гора.
Преработката на „Još ne sviće rujna zora“ е изработена како дел од соработка на повеќе музичари и продуценти присутни на работилницата „Tradition reimagined“. Идејата зад работилницата беше да се преработи традиционална песна и да се препее во модерен стил. Учесниците не стравувале да експериментираат со различни звуци и музички стилови, што на крајот резултираше со одлично музичко парче.
Овој пат песна е електро-синт-поп верзија што звучи одлично. Издавач на изданието е „Beats per Montenegro“.
SOUlx3000 е своевиден колектив/група на изведувачи и продуценти креирана од продуцентот и диџеј Никола Рајовиќ (Nikola Rajović) од Подгорица (Црна Гора). Никола е црногорски хип-хоп пионер и долгогодишен креатор во поп-културата. На ова издание покрај Никола на музиката и аранжманот работат и Тодор Тадиќ (Todor Tadić) и Марко Чачиќ (Marko Ćaćić). Двајцата се основачи на студиото „Knowhere2Run“ во Подгорица. Вокалот во песната е на Тина Џанкиќ. Тина важи за еден од најдобрите црногорски гласови, а во оваа песна може да слушнеме и зошто.
“Разноликоста на учесниците во проектот и нивните различни музички искуства развија уникатен спој на традиционална и современа музика преку експериментирање со различни инструменти и музички стилови, преку креативна атмосфера во студиото. За спотот на оваа песна беше задолжен тимот на студиото MediaTag на чело со Иван Мандиќ (Ivan Mandić), кој го комплетираше ова аудио-визуелно издание со кадри од воздух од некои од најубавите локации во Црна Гора.”
Проектот „SOULx3000 – Tradition Reimagined“ е поддржан од MOST Music. MOST Music е комплексна европска стратегија за светска музика (World Music) од Балкан, со поддршка од Creative Europe. Creative Europe е своевидна рамка на Европската комисија за поддршка на културата и аудио-визуелниот сектор.